Неколку совети за здрава уста
Уршка Вајдич, Д-р. дент. мед.
Здрава исхрана
Нашата уста се наоѓа на почетокот на гастроинтестиналниот систем и затоа во неа постојано нешто се случува иако не јадеме цело време. Исто како и на целиот организам и на здравјето на усната шуплина влијаат повеќе фактори. Прв е се разбира начинот на исхрана.
За жал поголем дел од храната е веќе индустриски обработена со различни додатоци кои неповолно влијаат на забите и уште повеќе на структурите кои се наоѓаат околу забите. Појавата на пародонтална болест е се почеста. Заради тоа корисно е да се јаде разновидна и непреработена храна. На тој начин ќе обезбедиме доволна количина минерали и витамини кои се важни за здравјето на нашата уста. Но бидејќи знаеме дека во пракса тоа не е секогаш изводливо, може да направиме неделен план како да ја надополниме здравата храна во деновите кога е тоа возможно. За деновите во текот на неделата кога имаме повеќе време може да направиме план на здрави оброци и да се обидеме да ги надополниме состојките кои не сме ги внеле во деновите кога сме немале време.
Добро би било секој ден да изедеме по едно јаболко или слично овошје кое може темелно да се изџвака. Така на сосема природен начин ги масираме непцата и ги зацврстуваме структурите кои се грижат за цврстината на забите.
Важно е да се избегнуваат храна и пијалаци кои му штетат на забниот емајл. Тоа се сите газирани и засладени пијалаци. Во последно време во секојдневната пракса приметувам оштетување на емајлот кај спортисти кои земаат различни изотонични пијалаци и прашоци.
Хигиена
Тоа е вториот важен фактор за одржување на здравјето на нашите заби и целата усна шуплина. Најголем дел од тоа го знаете, значи само на кратко за дневната хигиена, во која спаѓа редовно миење на забите со правилна масажа на непцата најмалку два пати на ден. Кога имаме здрава уста, забната паста можеме лесно да ја избереме од богатат понуда која ја има на пазарот. Меѓутоа кај некои состојби – тегоби во устата – при изборот на забна паста треба да посветиме повеќе внимание.
Заболувања и состојби
При различни заболувања во устата често можеме сами да си помогнеме. Затоа е важно брзо да почнеме да го решаваме проблемот. Најпрво треба да размислиме што во текот на последните неколку дена сме правеле различно, а што би можело да биде причина за нашите тегоби. Понекогаш е доволно навечер да не сме одвоиле доволно време за хигиена на усната шуплина па веќе следниот ден непцата не болат или крварат додека ги миеме забите.
Можеби имаме некое заболување кое влијае на состојбата на непцата и слузокожата во устата, на пр. настинка.
Во двата случаи мораме темелно да ги измиеме забите и да ги масираме непцата со забна паста за лекување на непца. Бидете упорни во тоа иако непцата ве болат или ви крварат. Најлошо е таквите непца кои болат или крварат да ги оставите на мир и дури да избегнувате да гризате. Се разбира дека притисокот со четката при миење на забите и гризање треба да го прилагодите на степенот на болка која можете да ја поднесете. Бидете упорни три до четири дена и состојбата мора да се подобри. Во спротивно обратете се кај својот стоматолог.
Често се јавува и состојба кога при настинка имате чувство како сите заби да ве болат или болката се сели од еден на друг заб. Најчесто тие тегоби исчезнуваат за неколку дена кога ќе помине настинката.
Покрај тегобите со крварење и болки во непцата понекогаш се јавува и преосетливост на забите на ладно и топло. Во тој случај препорачуваме навечер употреба на паста за лекување на непца, а наутро избегнување на секоја храна со екстремни температури. Вообичаено со подобрување на состојбата на непцата се подобрува и преосетливоста на забите. Посебно внимание треба да посветиме на повредите на слузокожата во устата или непцата. Тоа може да биде само оштетување заради внес на многу топла храна или остри, цврсти парченца храна, односно страни тела во храната. Во тој случај најпрво треба да се направи темелна хигиена, а после миење на забите устата треба да се исплакне со водичка за уста, која не смее да ве пече. На заболеното место нанесете производ со хијалуронска киселина, која го забрзува зараснувањето. Тоа се прави во тек на три до четири дена.
Ако нема подобрување треба да се обратите кај стоматолог. На сличен начин можете да си помогнете при повреди на слузокожата на устата или непцата при носење на мобилни протетички производи. Овие мобилни протетички производи не се носат навечер. Ако повредите при носење на протеза се повторат на исто место, треба да се обратите кај стоматолог да ја провери и прилагоди протезата.
Ако ви падне забната пломба или ви се оштети заб, сами не можете многу да направите. Можете да си помогнете со темелно чистење после секој оброк, по потреба да земете средство против болка и најбрзо што е можно да се обратите кај стоматолог.
Многу тегоби можете да се обидете сами да ги решите. Многу е важно да започнете што е можно порано. Со секој следен ден кога нема да преземете ништо проблемот само ќе станува потежок.